Репрезентацијата на Шпанија е втората по домаќинот Германија што обезбеди место во осминафиналето на Европскиот фудбалскиот шампионат. Шпанците го добија и второто дерби во т.н. „група на смртта“ и го осигураа првото место.
Натпреварот од 2.коло во „Б “ групата, одигран во Гелзенкирхен, Шпанија го совлада актуелниот шампион Италија со 1-0.
Иако „црвената фурија“ создаде бројни шанси за гол, ниту еден нејзин фудбалер не се впиша во листата на стрелците. Тоа го стори Италијанецот, Рикардо Калафиори кој по акцијата на Вилијамс и Мората си постигна автогол. Тој погодок од 55-тата минута се покажа како решавачки, па Шпанија на крајот се радуваше.
Шпанците имаат шест бодови, три повеќе од Италија која е втора, додека Хрватска и Албанија имаат по еден бод.
Така во последното третото коло закажано за 25 јуни ќе се решава која селекција ќе и се приклучи на Шпанија во осминафиналето. Во последното коло ќе играат Хрватска – Италија и Албанија – Шпанија.