Во Диселдорф, вечерва ќе се игра последниот натпревар од четвртиот дел на Европскиот фудбалски шампионат. Во него, еден од главните фаворити за шампионскиот трофеј Франција ќе игра со искусниот и незгоден состав на Австрија.

ФРАНЦИЈА

На последните четири големи натпреварувања, Французите на три пати беа финалисти, но титулата европски првак им побегна од 2000 година.

Затоа „Галските петли“ се рангирани како втор фаворит за освојување на трофејот во Германија.

Дидие Дешамп е селектор на Франција 12 години. Тој одлично ги познава своите играчи и тоа покрај квалитетот што го поседуваат е една од најголемите предности на тимот.

„Триколорите“ имаат дузина на квалитетни фудбалери на сите позиции, па секој нивни противник ќе се запраша, какви се нивните шанси за евентуален позитивен резултат во дуелот со нив. Напаѓачкиот арсенал на Франција, е неверојатен, предводен од најдобриот, Килијан Мбапе, најискусниот Оливие Жиру и секогаш опасниот Антоан Гризман.

На стартот, сигурно дека проблем за Дешамп ќе биде „пехот’ кој им се случи по нивното пристигнување во Германија. Имено голем дел од репрезентативците, па и селекторот, беа погодени од вирус. Тоа беше и причината поради која најголемиот дел од нивните тренинзи минаа со не комплетен состав.

АВСТРИЈА

Јасно е дека пред Австрија е многу тешка задача во воведниот меч. Австријците се пласираа на третото во низа Европско првенство и тоа како второпласирана селекција во квалификациската група Ф, зад Белгија.

Австриската репрезентација во Германија ќе ја предводи искусниот напаѓач на Интер, Марко Арнаутовиќ – рекордер по бројот на настапи за националниот тим и втор на вечната листа на стрелци.

Носители на играта ќе бидат Марсел Сабицер, кој има одлична сезона и финале во Лигата на шампионите со Борусија Дортмунд. Тука се и дефанзивецот на Болоња, Стефан Пош и играчите од средниот ред Кристоф Баумгартнер од Лахпциг и Конрад Лајмер одво Баерн Минхен минатата година. Најмногу австриски репрезентативци очекувано доаѓаат од германската Бундес лига.

Австрија својата шанса ќе ја бара дефанзивно и ќе игра во транзиција.

Дуелот од „Д“ групата меѓу Франција и Австрија ќе се игра во Диселдорф, а ќе почне од 21 часот.

Потсетување дека вчера во првиот меч од оваа група Холандија ја победи Полска со 2-1.