Манчестер Сити четврта сезона по ред е шампион во англиската Премиер лига. Неизвесната завршница во Премиер лигата повторно успешно мина за екипата на Пеп Гвардиола.
„Граѓаните“ на домашен терен го совладаа Вест Хем со 3:1 и ќе го креваат пехарот по деветти пат во 21-тиот век односно деветти пат во последните 14 години.
Арсенал и Микел Артета прекрасната сезона во Премиер лигата ја завршуваат на второто место и покрај борбата до последното коло. „Топџиите“ залудно го совладаа Евертон со 2:1 бидејќи им беше потребно Сити да изигра нерешено за да ја освојат титулата.
Ливерпул и покрај победата над Волвс од 2:0 не си заминува задоволен од „Енфилд“ бидејќи останаа без „кормиларот“ Јурген Клоп, кој ги предводеше „редсите“ во својот последен натпревар како тренер на овој клуб.
Астон Вила избори пласман во Лигата на шампионите по прв пат од 1982/83 година, а денеска загуби со неверојатни 5:0 од Кристал Палас кој игра во страшна форма.
Тотенхем како 5-то пласиран го совлада последнопласираниот Шефилд Јунајтед со убедливи 3:0 и си обезбеди место ви Лигата на Европа следната сезона. Челзи пак сјајната серија ја продолжува со победа на Борнмут на домашен терен од 2:1 и ќе игра во Конференциската лига.
Њукасл и Манчестер Јунајтед извисија за пласман во Европа, но обезбедија победи над Брентфорд (4:2) и Брајтон (2:0).
Борбата за опстанок е решена уште во минатото коло. Шефилд е на дното на Премиер лигата со само 16 освоени бодови. Заедно со Шефилд во Чемпионшип следната сезона ќе играат: Лутон, кој денеска загуби 2:4 од Фулам на домашен терен, и Барнли, кој загуби од Нотингем Форест со 1:2.