Реал Мадрид или Баерн Минхен е последниот дуел пред големото финале во Лигата на Шампионите. Кој од двата великани ќе го завери својот билет за Лондон и ќе се приклучи на Борусија Дортмунд во финалето на „Вембли“ во Лигата на Шампионите.

Реал Мадрид и Лига на Шампиони на култниот „Сантијаго Бернабеу” е најуспешната спојка во европскиот фудбал. „Кралевите” се новиот шпански шампион по 36 пат во клупската историја.

Реал Мадрид го одложи славењето на Ла Лига со цел да се фокусира на полуфиналниот дуел против Баерн. Иако првиот меч заврши со 2:2 „Кралевите” се екстра мотивирани дека на свој терен ќе дојдат до ново европско финале.

Историјата е на страна на тренерот Карло Анчелоти кој досега нема загубено дуел против Баерн Минхен. Мадриѓаните мора да бидат во полн сјај бидејќи на гостувањето во Германија не беа најубедливи. Уште еден историски податок вели дека кога Реал Мадрид го исфрлал актуелниот шампион секогаш на крајот застанувале на европскиот трон.

Баерн Минхен пак сака да ја отфрли „клетвата“ на Хери Кејн кој досега нема освоено трофеј во неговата кариера. Еден од најдобрите фудбалери во историјата ќе стори се за да не заврши уште една сезона како губитник. Како и досега сезонава така и на овој меч Хери Кејн ќе ја има целата тежина на негов грб.

Сепак има и друг дел од историјата кој вели дека, Томас Тухел знае како треба да се одигра против Реал Мадрид. Германецот има само еднаш загубено од „кралскиот” клуб.

Друг податок од историјата е дека последното финале на Вембли во 2013 го играа Баерн Минхен и Борусија Дортмунд и токму тогаш Баерн Минхен го исфрли тогашниот шампион на Шпанија, екипата на Барселона.

Дали „кралевите” ќе патуваат за Лондон или гордоста на Баварија се ќе остане да се одлучи „Сантијаго Бернабеу” вечерва со почеток од 21 часот.