Репрезентацијата на Англија е во Скопје, каде утре ќе и гостува на Македонија во последниот натпревар од квалификациите за ЕУРО 2024-та.
„Гордиот Албион“ веќе си ја заврши работата со освојувањето на првото место во нашата група. Сега во Скопје, Англичаните „почнуваат со подготовки“ за европското.
Накратко вака делуваше официјалната прес-конференција на Англија пред мечот со Македонија.
Фудбалерот на Арсенал, Деклан Рајс накратко се осврна на мечот што го очекува.
„На натпреварот во Манчестер квалитетот на Македонија не беше на ниво но, утре очекувам да биде поинаку. Играат пред своја публика и по оние 7-0, очекувам дека ќе имаме непријателска атмосфера од трибините“, изјави Рајс.
И не е далеку од поентата фудбалерот од средниот ред, имајќи в предвид дека утревечер Македонија ќе има поддршка од 30-тина илјади свои навивачи.
Арената „Тодор Проевски“ е подготвена за утрешниот спектакл.