Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски забележа победа во мечот од 1.коло на фјучрсот во Сетубал, за награден фонд од 25.000 долари.
Тој го победи „стариот познаник“ Французинот Саша Вајенбург (кого го совлада во финалето на скопскиот фјучрс) 2-0 во сетови (64 64) за 1 час и 27 минути игра.
Првиот сет беше изедначен со постојано водство на Вајенбург, кој прв сервираше во сетот. Во осмиот гем беа одиграни 12 поена, а Ивановски спаси една брејк топка. Во следниот гем дојде и првиот брејк на мечот за македонскиот тенисер, кој поведе со 5:4. Потоа на свој сервис Ивановски, успеа да ја реализира дури 4.та сет топка.
Во вториот сет по 2:1 во гемови Французинот направи брејк и поведе со 3:1, но Калин сепак се врати и со ри-брејк намали на 3:2, а потоа изедначи на 3:3. По 4:4 во Калин повторно направи брејк за водство од 5:4 и во десеттиот гем на свој сервис ја искористи третата меч топка за 6:4 во сетот и победа од 2-0.
Во второто коло Ивановски, кој е носител број 3 ќе игра со победникот од мечот на португалските тенисери Франциско Роча и Дуарте Вела (од кого загуби на претходниот турнир во Португалија).
На фјучрсот во Сетубал Ивановски настапува и во игра на двојки со Елдин Хусеиновиќ, а во првата рунда утре ќе играат против вторите носители Треј Хилдебранд и Ноа Шахтер од САД.