Српската тенисерка Дејана Радановиќ е победничка на турнир што денеска заврши во Скопје за со награден фонд од 40.000 долари.
Таа во финалето ја совлада Ива Приморац од Хрватска со 2-0 во сетови (6:1 и 6:3) за 1 час и 36 минути игра. Ова за Радановиќ е трета турнирска победа оваа година.
Финалето и првиот сет мина во знак на тенисерката од Србија која поведе со 4:0 во гемови откако направи два брејка. Приморац која вчера ја елиминира Лина Ѓорческа освои само еден гем, па Радановиќ го доби сетот со 6:1.
Во вториот сет имаше нешто повеќе неизвесност.
Иако Радановиќ поведе со 3:0 во гемови, Приморац се врати во играта израмнувајќи на 3:3.
Сепак тоа беше се што направи во мечот бидејќи српската тенисерка ги доби следните три гема и го освои сетот со 6:3 и со тоа го доби мечот со 2-0 во сетови.
Победничката Радановиќ имаше реализација на брејк топки 5/7, додека финалистката Приморац 1/8.
Победничката Радановиќ освои парична награда од 4.373 долари и 70 поени, додека финалистката Ива Приморац 2.293 долари и 42 поена.
Финалниот меч го следеше и претставникот за развоен тенис на ИТФ Витор Кабрал.