Кошаркарките на Франција го освоија бронзениот медал на Европското првенство чија завршница се игра во Љубљана.

„Триколорките“ во утешното „мало финале“ односно дуелот за 3-тото место славеа победа над Унгарија со 82-68 и се закитија со бронзата.

До третата бронза од Евробаскетот, а вкупно 12-тиот медал на континенталниот шампион, Франција ја предводеше Мамињан Туре која натпреварот го заврши со 20 постигнати поени, додека Жанел Салаун додаде 13 за победничката селекција.

Ова е осми шампионат во низа на кој кошаркарките на Франција освојуваат медал, сега бронзен, откако на претходните пет играа во финалињата и секогаш беа поразувани.

За златото вечерва ќе се борат Шпанија и Белгија во финалето што ќе започне од 20 часот.