Женската репрезентација на Македонија ќе игра во финалето на Били Џин Кинг купот што се игра во Скопје, како дел од Третата Европска зона. Нашите тенисерки ги добија двата сингл меча против Молдавија и со тоа ја остварија победата и го освоија првото место во групата Б.

Клучниот поен за водство и победа го донесе нашата најдобра тенисерка Лина Ѓорческа која со 2-0 во сетови (75 63) ја победи Екатерина Висневскаја за 91 минута. По 2:2 во гемови во првиот сет Висневскаја го зема гемот на свој сервис, а потоа направи брејк за водство од 4:2. Но, нашата тенисерка го врати загубениот гем на свој сервис намали на 4:3, а потоа во најдолгиот гем на свој сервис откако спаси шест брејк топки изедначи на 4:4. Потоа двете тенисерки освоија по еден гем и по 5:5, Ѓорческа направи уште еден брејк за 6:5 и во 12.тиот гем на свој сервис ја искористи првата сет топка за 7:5.

Во вториот сет имаше повеќе брејкови (Ѓорческа 4/7, Висневскаја 2/3). По 2:2 во сетот Ѓорческа поведе со 5:2, но не го освои гемот на свој сервис, за потоа во следниот да направи брејк и да го добие сетот со 6:3.

Во првиот меч Магдалена Стоилковска ја победи Даниела Чобану со 2-0 во сетови (76(5) 75).

Во мечот во двојки за Македонија ќе играат Ива Данева и Александра Симева, а за Молдавија Лиа Белибова и Арина Гамреткаја.