Кевин де Брујн и Манчестер Сити вечерва можат да испишат историја во финалето од Лигата на шампионите со освојување на третата титула сезонава.

„Диригентот“ во средниот ред на „граѓаните“ вели дека е физички и психички спремен за вечерниот натпревар и дека ова финале е многу поразлично од финалето кое го загубија од Челзи во 2021-та година, бидејќи немаат голема пауза.

„Сите ќе имаат доволно енергија за вечерва. Од физичка гледна точка, ако сте фит, можете да играте цела година, менталниот дел е многу потежок. Добрата форма овозможува да играте на секои три до четири дена. Ментално можеби ќе ви треба одмор, но не гледам никаков проблем за ова финале. На ваков настан е многу нормално да има мотивација и енергија од страна на двете екипи. Разликата од финалето со Челзи во 2021-та година е тоа што имавме две недели пауза. Би можело да биде добро што го игравме натпреварот од ФА Купот против Јунајтед пред само една недела, но начинот на кој се подготвував за овој натпревар не е многу поинаков. Беше напорна недела но се обидувам да ја направам што е можно понормална.“ – вели плејмејкерот на Сити, Кевин де Брујн.

Кевин и своите соиграчи вечерва во Истанбул ќе ги одмерат силите со Интер во 21:00 часот.