Стефан Петровски има 19 години и моментално е дефанзивец во младинскиот клуб на Македонија Ѓорче Петров.
Неговата приказна е пример за посветеност и дисциплина за еден спортист. Во неговите почетоци играл за екипата на Њу Старс, и Работнички, каде го освоил својот прв трофеј, а потоа заминал во клубот од неговото маало – Македонија Ѓорче Петров, каде како што вели тој во првите денови таму тренирале само петмина.
Желбата на младите „лавови“ од Ѓорче никогаш не згаснала и од порази со дури 12:0 стигнаа до посакуваниот трофеј.
„Уште од мал имав огромна желба да играм фудбал гледајќи ги командантите во одбраната во тоа време, како Карлес Пујол и Серхио Рамос. Започнав на своите 10 години кога играв во дресот на Њу Старс. По 4 поминати години таму решив да продолжам во ФК Работнички, каде за прв пат се радував на голем успех, трофејот во младинската македонска лига, сезоната 2018/19. Истата година кога го освоивме натпреварувањето, направив трансфер во мојот маалски клуб, Македонија ЃП, носејќи го дресот на „лавовите“ со огромна чест.
Почестоците беа доста тешки и исцрпувачки, на тренинзите бевме само петмина. Резултатите од натпреварите беа катастрофални, дури имаше натпревари во кои губевме со 12:0.
Но, додека другите не веруваа во нас, ние работевме и верувавме пред се во нас, а потоа и во нашиот тим дека можеме и дека ќе ја постигнеме посакуваната цел.
Точно по 4 години труд и работа јас и моите соиграчи ја постигнавме целта и ја освоивме младинската лига“, емотивно се сеќава Стефан.
Возбудата од исчекувањето и официјално да се подигне шампионскиот трофеј, придонесе Стефан и неговите соиграчи да го загубат последниот натпревар, но тоа е разбирливо кога во прашање се емоциите на овие млади играчи, па оттаму нема замерки за тоа.
„Последниот натпревар за оваа сезона го загубивме, но од самиот старт знаевме дека овој натпревар нема големо значење за нас и го чекавме само крајот за да го подигнеме пехарот, а титулата веќе беше обезбедена пред две кола во клучен натпревар против екипата на Академија Пандев, која заврши како второпласирана “ , додаде дефанзивецот на Македонија ЃП.
Стефан ни откри дека во минатата сезона имал прилика да замине од Македонија ЃП, но неговата љубов кон клубот не му дозволила да направи грешка бидејќи сега е шампион и следната сезона можеби ќе игра во квалификациите за Лигата на шампионите. Опциите за него се отворени и овој летен преоден рок може многу да смени за неговата иднина.
„Во иднина се гледам како го остварувам мојот сон. Еден ден да станам најдобриот дефанзивец во светот.
Доколку продолжам со напорната работа како и досега мислам дека успесите ќе си дојдат сами по себе. Исто така еден од моите најголеми мотиватори во животот после моите родители е мојот ментор. Тој е доста заслужен за се до сега што сум постигнал и ќе биде заслужен за се во иднина. Беше човекот кој веруваше најмногу во мене и овие два трофеи се само почеток на нашите успеси во иднина“ , амбициозно зборуваше Стефан.
На Стефан му благодариме за одвоеното време и му посакуваме многу успех во понатамошната кариера.