Фудбалерите на Манчестер Сити се изборија за своето второ финале во Лигата на шампионите откако вечерва во реванш полуфиналето на домашен терен на Етихад го совладаа европскиот првак Реал Мадрид со 4:0 (2:0). Во вкупниот резултат „граѓаните“ беа подобри со 5:1.
Очекувано почетокот беше во знакот на домашниот тим, кој постојано напаѓаше кон голот на Тибо Куртоа.
Голманот на Реал беше на висината на задачата откако во 20-тина минути одбрани три големи шанси на противникот (Халанд и Бернардо Силва). Одбраната на европскиот шампион „потклекна“ во 23.минута кога на асистенција на Кевин де Бриун, Силва го постигна првиот гол.
При резултат 1:0 Реал за кусо презеде контрола над играта, а Тони Крос ја погоди пречката. Во 37.минута беше 2:0 откако по ударот на Илкај Гунгодан одбиената топка во мрежата на гостите ја смести Силва што беше негов втор гол.
Во вториот дел првата шанса беше за гостите, од слободен удар домашниот голман Едерсон ја одби топката која од пречката замина во корнер. Во 76.минута беше 3:0, а голот всушност беше автогол на Едер Милитао. Голот за убедлива победа од 4:0 го постигна Хулиан Алварез во 90+1 минута.
Финалето меѓу Манчестер Сити и Интер се игра на 10.јуни во Истанбул.