Реал Мадрид минимално славеше над Хетафе со 1:0 на „Сантијаго Бернабеу“ и продолжува во борба со градскиот ривал Атлетико Мадрид за втората позиција на табелата во Ла Лига. Единствениот гол на натпреварот го постигна Марко Асенсио, кој прекрасно биеше надвор од шестнаесетникот и му донесе 3 бода на својот тим.
Карло Анчелоти направи дури 8 промени во однос на натпреварот со Манчестер Сити и им даде шанса на играчите кои помалку играа оваа сезона, единствените три играчи кои стартуваа вечерва беа Едуардо Камавинга, Феде Валверде и Тибо Куртоа.
Во првото полувреме иницијатива ја имаше екипата на Реал Мадрид со одлична контрола на топката и прекрасни додавања во средината на теренот, но без посериозни прилики за погодок.
Доминацијата на Реал продолжи и во второто полувреме. По влегувањето во игра на Модриќ, Крос и Винисиус се беше јасно. Марко Асенсио ги „уништи“ надежите на Хетафе во 70-тата минута, кога со прекрасен удар надвор од шестнаесетникот погоди за водство од 1:0 на „кралскиот клуб“. До крајот на натпреварот екипата на Реал рутински одигра и славеше со минимални 1:0.
Шансите за првата позиција и трофејот во Ла Лига се невозможни, но трката за второто место продолжува. Реал Мадрид се искачи на 2-то место со 71 освоен бод, 2 бода повеќе од Атлетико, но избраниците на Симеоне утре го играат натпреварот од 34.коло со последнопласираниот Елче.