Борбата на врвот продолжува, Арсенал триумфираше на гостински терен против Њукасл со 2:0 и му „дише во врат“ на Манчестер Сити во битката за првото место и елитниот трофеј во Премиер лигата.

Изедначено прво полувреме на „Сент Џејмс Парк“, со шанси на двете страни и одлична игра во средината на теренот. Во 14-тата минута од натпреварот, Мартин Одегард со прекрасен погодок и донесе водство на својата екипа од 1:0. Без посериозни прилики за гол до крајот на првиот дел, играчите заминаа на заслужен одмор.

Подобрата игра на Арсенал во второто полувреме дојде до израз во 72-та минута, кога Фабијан Шер несреќно биеше во својата мрежа и го промени резулатот на 2:0. До крајот на натпреварот, избраниците на Микел Артета, одиграа мирно и паметно не дозволувајќи му на противникот да дојде до посериозни прилики за погодок. Крајниот резултат беше 2:0.

Арсенал на три кола пред крајот се наоѓа на второто место со 81 освоен бод, 1 помалку од првопласираниот Сити, но и натпревар повеќе.

Следниот натпревар „топџиите“ го играат на домашен терен против Брајтон, додека Њукасл му гостува на Лидс.