Екипата на Наполи на „Сан Сиро“ во првиот меч против Милан од четвртфиналето на Лигата на шампионите пристигнува без топ стрелецот Виктор Осимех, кој не успеа да се опорави од повредата.
На официјалната прес-конференција тренерот Лучијано Спалети не зажали претерано за хендикепот.
„Победивме многу важни натпревари и без Осимех. Силата на нашиот тим никогаш не зависеше само од еден играч. Секогаш имавме тимски дух, покажавме дека можеме да играме и без некои играчи од првиот состав.
Од оние што ќе излезат на теренот очекувам да имаме доверба еден во друг и да делуваме како тим“,
истакна Спалети.
Нигериецот не е единствената главоболка на тренерот на Наполитанците.
Распадори тренираше, но Спалети само на денот на натпреварот или по утринскиот тренинг ќе процени дали ќе може да настапи.
„Натпреварите во Лигата на шампионите се специфични, играчите мора да ја препознаат важноста на натпреварот и да знаат што треба да направат на теренот.
Ние сме на највисокиот момент од сезоната, имаме желба и ентузијазам да го завршиме најдобро што може. Убеден сум дека мојот тим ќе направи се да биде подобар од Милан. Подготвени сме“,
заклучи стратегот на лидерот во Серија А.