Женската ракометна репрезентација на Македонија го загуби првиот натпревар од баражот за пласман на Светското првенство од Украина со 22:24 (8:14) одигран вечерва во Скопје. Лошото прво полувреме е причината за поразот, особено по добриот втор дел. Реваншот се игра во вторник во Унгарија (Украина заради војната не игра на домашен терен).
На стартот од дуелот нашите ракометарки „лошо отворија“ пред се во нападот и по 12.минути противникот имаше водство од +7 (9:2). Овој резултат се должеше на неколку елементи: грешки во нападот, слабата реализација и трите исклучувања во македонскиот состав. Украина имаше и +8 (13:5) во 24.минута, а потоа нашите ракометарки малку се средија и до крајот на првиот дел намалија на – 8:14.
Почетокот на вториот дел беше за македонските ракометраки, кои ја продолжија серијата голови 5-1 и во 39.минута имавме негатива -2 (13:15) по седмерецот што го реализираше Сара Ристовска, а тоа беше причина и за тајм аут за украинскиот селектор Андронов.
Во 43.та минута Македонија изедначи на 16:16, а повторно Ристовска беше стрелец на голот. Противникот потоа ги казни нашите грешки и поведе со 19:16. Во 50.та минута беше гол предност за Украина (19:20), откако намаливме на 21:22, повторно со две исклучувања (црвен картон за Сара Ристовска) Украина дојде до солидна позитива. Притоа во последните минути не реализиравме и два седмерци.
Сара Ристовска со 8 голови беше најефикасната на натпреварот. Левченко и Маркевич кај Украина со по 5 голови беа најпрецизни. Украина имаше солидна помош и на голманската позиција – Марија Галдун заврши со 10 одбрани.