Македонската тенисерка Лина Ѓорческа заедно со Вероника Ерјавец од Словенија победија на фјучрсот во Сплит. Тие во финалето ја совладаа хрватско-словенечката комбинација Тара Вурт и Ника Радишич со 2-0 во сетови, со 6:1 и 6:4 во гемови.

Првиот сет Ѓорческа и Ерјавец доминираа откако по 1:1 во гемови, ги освоија следните пет и го добија сетот со 6:1. Во вториот сет имаше нешто повеќе неизвесност. Ѓорческа и Ерјавец по 2:2 во гемови, освоија два гема, но потоа ривалките го направија истото и изедначија на 4:4, сепак македонско-словенечката комбинација направи уште еден брејк и сетот го доби со 6:4 искористувајќи ја третата меч топка.

За Ѓорческа ова беше вкупно 69-то финале во игра на двојки и успеа да го освои 46.тиот трофеј. Со триумфот нашата тенисерка ќе освои 70 поени и тоа ќе и донесе напредок на ВТА листата во двојки. Сега се наоѓа на 376.то место.

Следната недела нашата тенисерка е пријавена за настап на фјучрсот во Италија во Санта Маргерита Ди Пула.