Кошаркарите на Куманово најавуваат дека ќе ги прекинат сите активности, до исполнување на нивните барања, исплата на 5 заостанати плати и подобрување на условите во клубот.
Тие денеска со соопштение до јавност ги изнесоа сите проблеми со кои не само сезонава, туку веќе неколку години наназад се соочуваат во клубот. И не е непознато дека КК Куманово честопати поради ненавремено помирени обврски кон играчите, дополнително, по судски пресуди, мора да исплати повеќе од договореното.
Ова е пракса која со години се провлекува во клубот, кој има децениска традиција, но како стојат работите, и голема веројатност дека ќе се пресели во понизок ранг на натпреварување, предупредуваат играчите во своето обраќање до јавноста.
Соопштението ви го пренесуваме во целост
Во името на сите играчи и стручен штаб на КК Куманово сакаме да ја известиме јавноста за реалната ситуација во клубот. Пред се “Кумани“ како навивачка група, и Куманово како кошаркарски град. Сметаме дека кумановци заслужуваат да ја знаат вистината за клубот кој безусловно го бодрат. Долг од 5 плати, ладна сала која протекува, “тејпови“ за бандажирање, физиотерапевт, вода за пиење, па дури и искинати мрежи на кошевите, терапија за повредените играчи.
Ова е само еден мал дел од проблемите со кој се соочуваме во текот на цела натпреварувачка сезона. Кошарката во Куманово е заложничка на две спротивставени структури кој управуваат со клубот, единствени директни жртви сме ние играчите и стручниот штаб. Слушавме информации дека клубот ќе биде продаден, но тоа не се случи, градските власти немаат намера да помогнат.
Прашуваме дали градоначалникот ќе дозволи во големата сала која се реновира да нема прволигашка кошарка!?!
Што се однесува до добиениот ваучер со кој треба клубот да застане цврсто на нозе горенаведените структури не се способни да го уновчат, најавуваме дека после натпреварот против Струмица во недела целосно застануваме зад нашите барања и нема да тренираме и играме натпревари, а сите знаете дека со два службени натпревари клубот “испаѓа“ во најнизок ранг.
Доста беше со лаги и празни ветувања од луѓето кој го водат клубот, овој пат нема отстапка.
Дозволете ни да играме кошарка и да се врати клубот на старите патеки и кумановци да се вратат во сала!!!