Најдобрата женска ракометна репрезентација на Македонија со денешниот собир, ја започна акцијата „пласман“ на Светското првенство што годинава ќе се одржи во Данска, Норвешка и Шведска во период од 29 ноември до 17 декември.
Украина е пречката која треба да ја минат македонските ракометарки, во двомечот на 8 и 11 април.
Противничките важат за фаворитки, но селекторот Љубомир Савевски смета дека со голема поддршка од публиката, нашите ракометарки можат да направат добар резултат пред реваншот што се игра на неутрален терен во Унгарија.
Украина е благ фаворит, но противник кој го посакувавме. Сепак не е репрезентација која во самиот европски и светски врв. Се надевам дека со публика ќе славиме на првиот меч во Скопје и дека тоа ќе ни даде добра можност за реваншот. По долга пауза, верувам дека можеме повторно до настап на Светските првенства“, изјави селекторот Савевски.
Подготовките ќе се одвиваат во СЦ „Борис Трајковски“ каде во сабота (8 април) ќе се игра првиот натпревар, додека три дена подоцна (11 април), реваншот ќе се игра во унгарскиот град Кишварда.