Македонија вечерва со дуелот против Малта го започнува циклусот квалификации за ЕУРО 2024-та.
Противникот е со најслаб ранкинг во нашата група, па затоа црвено-жолтите ја имаат улогата на фаворити, но тоа мора да го потврдат на теренот.
Победата е императив имајќи во предвид дека останатите три противници, Италија, Англија и Украина се далеку поквалитетни, смета Енес Барди.
„Според последните резултати на овој тим, пласман на Европско првенство, финале во баражот за настап на Светскиот шампионат амбициите сигурно се големи. Но, сето тоа мораме да го заборавиме и да се фокусираме на тоа што не очекува. Посебно за овој прв натпревар со Малта. За нас е многу важно да почнеме со победа бидејќи нашата цел во оваа тешка група е да забележиме што е можно повисок пласман. Знаеме дека можеме да играме против сите репрезентации, но на секој натпревар мораме да одиграме најдобро што можеме“, изјави Барди.
Мечот Македонија – Малта што ќе се игра на националната арена „Тодор Проевски“ во Скопје ќе започне до 20.45 часот.