Македонската ракометна репрезентација по осум години загуби на домашен терен, од фаворитот во групата 1 Португалија која славеше со 29:23 (14:11).
По овој пораз шансите за второто место и пласман на Европското првенство 2024 во Германија се актуелни бидејќи Македонија во квалификационата група е фаворит против другите две селекции Луксембург и Турција.
„Португалија беше фаворит пред дуелот тоа и го покажа и во овој момент не е срамота да се изгуби од Португалија. Португалија вечерва победи и ги искористи своите моменти каде што имаше предност. Бевме дефицитарни на позицијата пикер и таму загубивме многу дуели. На оваа наша репрезентација и недостасуваат вакви натпревари и само со играње против силни ривали може да напредуваме. Резултатот можеше да биде и поповолен и можеби е и превисок овој пораз, особено што водевме на средина од вториот дел и до тој момент игравме добро. Но, на моменти игравме во грч и сметам дека овие млади играчи ќе се подобрат. Она што е важно да успееме да се пласираме на Европското првенство, а против Луксембург и Турција сме фаворити. На дуелот во Португалија во недела треба да одиграме квалитетно. Треба да поправиме од се по нешто“, изјави по дуелот селекторот Кирил Лазаров.
Македонија следниот натпревар од групата ќе го игра на гости против денешниот ривал Португалија в недела на 12.март.