„Лавиците“ се во топ форма пред стартот на плејоф лигата
Ракометарките на Ѓорче Петров се во одлична форма пред продолжението на домашното првенство закажано за претстојниот викенд.
Актуелните македонски шампионки се победнички на „Осмо мартовскиот“ турнир што се одржа во Приштина.
„Лавиците“ од Ѓорче, забележаа две убедливи победи на турнирот на кој настапија домашната селекција на Косово, младинската репрезентација на Бугарија до 19 години и екипата на Шкипоња 2000.
Во првиот меч избраничките на Симе Симевски беа доминантни во дуелот со Шкипоња екипа која ја совладаа со 29 гола разлика 47-18. Во вториот (финален) натпревар, Ѓорчепетровки не им дадоа никаква шанса за надеж на младите Бугарки кои ги совладаа со 20 разлика 47-27, со што го потврдија првото место на овој турнир.
Ангела Јанкуловска го понесе признанието за најдобра ракометарка на овој турнир.
Ова беа и последните контроли за избраничките на Симевски кои во недела со дуелот на гости кај Пелистер ја започнуваат плејоф фазата, односно разигрувањето на шампионската титула во Супер лигата.
Во неа Ѓорчепетровки влегуваат со максимални 18 бодови, дури шест повеќе од трите останати конкуренти, Металург, Чаир и Вардар.
На стартот на плејофот ќе се одигра и првото дерби и тоа во сабота од 17 часот, а ќе играат Вардар и Металург.