Баерн Минхен против ПСЖ, мечот кој сите фудбалски фанови со нетрпение го чекаат. Во него германскиот првак влегува со гол предност (1-0) од првиот меч одигран во Парис.
Тренерот на „баварците“, Јулијан Нагелсман очекува офанзива на гостите уште од самиот старт, но верува дека неговите избраници ќе се пласираат во четвртфиналето.
„Потребно им е на ПСЖ само еден гол за изедначување. Очекувам голем притисок од нив уште на самиот почеток. Во првиот натпревар играа без Килијан Мбапе, што им го промени планот на игра. Кога тој влезе почнаа да играат на различен начин. Како што напоменав очекувам офанзивен фудбал од гостите. Мораме да бидеме подготвени уште од првата минута. Тоа што ни треба во реванш мечот е да им ја ограничиме брзината. Ако им дадете доволно место на нивните напаѓачи ќе се отежни работата на нашите дефанзивци. Сите сакаме да одиме далеку во Лигата на Шампионите, но на крајот на денот кога играат гиганти како ПСЖ и Баерн Минхен мечот најчесто решава поголемата мотивација. Нашиот тим ќе даде се од себе и ќе одиме понатаму во четвртфиналето“,
изјави Нагелсман, тренерот на Баерн.
Мега пресметката на Баерн и ПСЖ што ќе се игра вечерва на „Алијанц Арена“ во Минхен започнува во стандардниот термин од 21 часот.