Српскиот кошаркар Никола Јокиќ продолжува со историските достигнувања во најсилната светска лига НБА.
Кошаркарот на Денвер „Нагетс“ стана само шестиот играч во историјата на НБА лигата кој стигнал до бројката 100 по остварени трипл-дабл учиноци.
Јокиќ на синоќешниот натпревар во кој Денвер славеше победа на гостински терен на Хјустон „Рокетс„ со 133-112 средбата ја заврши со 14 поени, 11 скокови и 10 асистенции, со што Србинот стигна до јубилејниот 100-ти трипл-дабл во кариерата.
Од активните играчи пред Јокиќ се Леброн Џејмс кој има 106 вакви остварувања и е на петата позиција, односно Расел Вестбрук кој е убедливо најдобар во оваа категорија со дури 198 одиграни натпревари на кои оствари троен ефект.
Со бројката над 100 се вбројуваат само уште легендарните Оскар Роберсон 181, Меџик Џонсон 138 и Џејсон Кид со 106.
Зад овие шестмина далеку се останатите четворица што ја сочинуваат листата од ТОП 10 во која се Вилт Чемберлеин 78, Џејмс Харден 73, Лери Бирд 59 и Лука Дончиќ со 56.