Астон Вила, Нотингем Форест, Брага и Фрајбург обезбедија пласман во полуфиналето на Лига Европа.
Ова е епилогот по одиграните четвртфинални реванш натпревари во второто по квалитет клупско натпреварување во Европа.
Астон Вила ја демолираа Болоња со убедливи 4:0 и со вкупни 7:1 го потврдија својот статус на главни фаворити за трофејот. Оли Воткинс влезе во историјата на клубот постигнувајќи го својот јубилеен стоти погодок во дресот на Астон Вила пред преполните домашни трибини.
Нотингем Форест приреди вистински подвиг елиминирајќи го тимот на Порто со минимални 1:0, што беше доволно за нивно прво полуфинале по четири децении.
Така во англиско дерби во полуфиналето ќе играат Астон Вила и Форест, па на Англија гарантирано и е место во финалето.
Вториот полуфинален пар ќе го сочинуваат португалската Брага и германскиот тим на Фрајбург.
Португалска Брага покажа карактер против шпанскиот Реал Бетис, славејќи со 4:2 во натпревар полн со пресврти и атрактивни потези за гледачите.
Германскиот претставник Фрајбург ја продолжи својата бајка откако со вкупни 6:1 ја елиминираше Селта Виго, поставувајќи нов историски успех за клубот.
Првите полуфинални натпревари се закажани за 30 април, а големото финале на ова натпреварување ќе се одигра на 20 мај во Истанбул.





































