Вечерва се одиграа првите два натпревари од четвртфиналето во фудбалската Лига на шампиони.

Европската класика меѓу Реал и Баерн се одигра на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид. Гостите од Минхен си обезбедија минимална предност од 1-2, пред реваншот на домашен терен.

По брзата акција во 41.минута и одличната асистенција на Гнабри, Луис Дијаз ја затресе мрежата на Реал. Во вториот дел не помина ниту една минута, а Баерн веќе ја удвои предноста. За тоа се погрижи Англичанецот, Хари Кејн со неговиот 11 гол сезонава во елитното натпреварување, а вкупно 49 во сите натпреварувања.

Реал се обидуваше со сите сили, но обидите на Мбапе и Винициус, гостинскиот голман Нојер успеваше да ги скроти. Сепак, германскиот чувар на мрежата не можеше да стори ништо во 73.минута кога Мбапе умешно го искористи одличното додавање на Александер-Арнолд.

И покрај повеќето шанси на двете страни за нов гол, резултатот остана не променет 1-2.

Реванш натпреварот на „Алијанц Арената“ во Минхен ќе се игра следната среда на 15 април.