По вчерашната голема победа во ЕХФ Европската лига, ракометарите на Еурофарм Пелистер ги чека нов предизвик. Тоа е дерби дуелот од 12. коло во македонската Супер лига против ГРК Охрид. Ова коло носи вкупно шест натпревари, а главната битка во Битола е закажана за сабота, 28 ноември.
Битолчани влегуваат со кренат морал по триумфот над Вибжеже Гдањск (34:27), но во домашното првенство неодамна загубија од Алкалоид (30:28). Првиот меѓусебен дуел сезонава во Охрид заврши без победник со резултат 28:28, што најавува нова неизвесна борба.
Од друга страна, Охрид патува во Битола во одлична серија од пет последователни победи во сите натпреварувања. Охриѓани изминатиот викенд одиграа два меча на домашен терен во Европскиот куп, во кој го бранат шампионскиот трофеј. Со двете убедливи победи над литванскиот Драгунас Клаипеда (30:19 и 32:25), тие без проблеми обезбедија пласман во осминафиналето.
Во пресрет на овој дерби дуел, пелистерци се четврти на табелата со 17 бодови два помалку од Охрид кој е трет. Вардар е лидер со максимални 22 бодови, а Алкалоид е втор со 20 по вчерашната победа над Мулти Есенс со 39:23 дуел со кој беше отворено 12. коло.
Саботниот натпревар Еурофарм Пелистер – Охрид започнува во 18:00 часот, а можете да го ГЛЕДАТЕ ВО ЖИВО ТУКА.👇

























