По повод Денот на независноста 8 Септември, Министерството за спорт денеска на пригодна свеченост во Собранието на Република Македонија, ги додели државните награди за високи остварувања во областа на спортотот.

Државната награда „8 Септември“, со која Република Македонија им оддава признание на спортистите, тренерите и спортските работници кои со своите резултати, посветеност и долгогодишна работа оставиле трајна трага во македонскиот спорт, годинава се одржа по четиринаесетти пат.

Годинешни добитници на еднократната наградата за остварувања во областа на спортот се: Димче Ангелов (борење), Ацо Крстов (борење), Дејан Ангеловски (атлетика) и Ангел Мицевски-Скакар(борење).

Наградата за животно дело која е од траен карактер му припадна на Трајче Димков, човек чиј живот е нераскинливо поврзан со борењето – како спортист, тренер, селектор и спортски работник.

Во неговата долгогодишна спортска кариера особено се издвојува 1995 година, кога со БК „Бучим“ од Радовиш станува европски клубски првак. Како селектор, Димков ја предводеше македонската репрезентација и на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година, а низ неговата тренерска кариера неговите борачи освојувале медали на европски првенства, Медитерански игри и други големи меѓународни натпреварувања.

Државната награда „8 Септември“ е востановена во 2012 година, а годинава се доделува по четиринаесетти пат. На конкурсот за 2026 година беа поднесени девет кандидатури за државната награда и шест кандидатури за наградата за животно дело. Изборот на апликантите го спроведува Одборот за доделување на државната награда кој го сочинуваат 13 лица, истакнати спортски работници и професори од областа на спортот.