Фудбалерите на Силекс и Шкендија вечерва ќе ги играат реванш дуелите од 1.коло квалификации за Конференциската лига. 

Кратовци пред своите навивачи, но во Скопје, ќе влезат со победите од првиот натпревар против белорускиот Динамо Минск. Еден гол предност имаат избраниците на Васоски, кои пред седум дена на неутрален терен во Бугарија славеа победа со 0-1.  

„Ова шанса на оваа генерација, која ланската сезона го освои Купот на Македонија, а претходната ја завршивме како вицешампиони. Сега ни треба резултат и да не изгубиме. Имаме респект кон противникот.

Погубно ќе биде за нас ако се браниме, а ако имаме шанса добро е и да постигнеме гол.

На првиот натпревар можеби и не потценија, инаку ова е екипа која знае да игра многу добро и на гостински терен.
Ќе повторам уште еднаш дека и лани одигравме добро во еврокуповите, а некогаш за да се мине противникот потребно е и да имате среќа“, изјави тренерот на Силекс Александар Васовски.

Силекс ќе биде домаќин на теренот „Петар Милошевски“ крај ФФМ.

Истовремено на арената „Тодор Проевски“, Шкендија ќе го игра дуелот против екипата на Европа од Гибралтар. Тетовци само рутински треба да го одработат мечот во кој ќе влезат со убедливи 5-0 од гостувањето. 

„Резултатот од првиот дуел е добар, но тоа не значи дека треба сега да сме опуштени. Треба да достигнеме ниво како за следните натпревари кои нé очекуваат.

Не размислуваме за следната фаза, фокусот е на овој натпревар, притоа не смее да има грешки“, изјави тренерот на Шкендија Артим Положани.

Двата натпревари ќе почнат во ист термин од 20 часот.

Следете нé на социјалните мрежи