На денешната седница на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија беа донесени повеќе одлуки. 

Меѓу нив потврден е терминот 21 март 2026 година, во Скопје да се одржи Годишното собрание на федерацијата. Претстојните меѓународни натпревари на женските селекции ќе може да се следат бесплатно. 

Ова се дел од денешните одлуки на УО на ФФМ, меѓу кои беа и финансирањето на нови столчиња за стадионите ширум државата, како и за двојните договори на релација клубови – фудбалери.

Одлуки на УО на ФФМ

– Поради грубо кршење на одредбите од Статутот на ФФМ, Управниот одбор на ФФМ донесе одлука на ОФС Кичево да му се изрече суспензија во траење од две години. За време на суспензијата, на ОФС Кичево му мируваат правата од членство, вклучително и учеството на делегатите од ОФС Кичево на Собранието на ФФМ.

Членовите на суспендираната членка нема да трпат спортски последици. Фудбалските клубови, членки на ОФС Кичево, продолжуваат со натпреварување во истиот ранг на тековното првенство, а во сезоната 2026/27 во рангот каде оствариле пласман.

Фудбалските судии и контролори, членови на ОФС Кичево продолжуваат со активно вршење на функцијата на листите каде се наоѓаат согласно правилата за судии и судење. Комисијата за регистрација на ОФС Гостивар е задолжена до носење на наредна одлука да ги извршува сите активности за клубовите и фудбалерите членови на ОФС Кичево;

– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука редовното Генерално Собрание да се одржи на 21 март 2026 година, во хотел „Хилтон“, со почеток во 11:00 часот;

– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за бесплатен влез за сите шест натпревари од УЕФА квалификацискиот турнир за жени до 17 години, кој ќе се одржи во Струмица и Турново во периодот од 28. февруари до 6. март 2026 година;

– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за бесплатен влез за квалификацискиот натпревар на А репрезентацијата жени, Македонија против Андора, кој ќе се одигра на 07. март 2026 година на стадион „Петар Милoшевски“ во Битола;

– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за именување на Светозар Станковски, член на У.О. на ФФМ и поранешен репрезентативец, за нов претседател на Комисијата за натпреварување, на местото на Васко Дојчиновски. Управниот одбор изразува благодарност кон Васко Дојчиновски за досегашната работа и посветеност.