Во НБА лигата синоќа се одиграа само два натпревари, но и двата понудија драматични завршници и продолженија.
Тимот на Голден Стејт го совлада Денвер Нагетс со 137:131 по продолжение. Во регуларниот дел, Стефен Кари погоди тројка на 22 секунди до крајот за израмнување на 120:120, додека Никола Јокиќ промаши шут за победа на 2,7 секунди пред крајот.
Во дополнителните пет минути, Вориорс беа поефикасни и стигнаа до победата. Кари блесна со 42 поени и 6 тројки од 12 обиди, а Џими Батлер додаде 21 поен.
На спротивната страна, Арон Гордон одигра натпревар од соништата со 50 поени и неверојатни 10/11 тројки, Џамал Мареј запиша дабл-дабл со 25 поени и 10 асистенции, додека Јокиќ заврши со троен ефект – 21 поен, 13 скока и 10 асистенции.
Во вториот натпревар, кој беше реприза на финалето од минатата сезона, шампионот Оклахома Сити ја победи Индијана со 141:135 по две продолженија.
Натпреварот влезе во првото продолжение откако Паскал Сиакам израмни на 113:113 на седум секунди до крајот, а Шаи Гилгеус-Александар не успеа да погоди тројка за победа. Во првото продолжение, Индијана имаше предност од пет поени, но повторно се стигна до израмнување, овојпат преку Бенедикт Матурин на 12 секунди до крајот. Во второто продолжение, Тандер успеа да се одлепи и да ја осигура победата.
Гилгеус-Александар беше незапирлив со 55 поени, осум скока и пет асистенции, Аџај Мичел додаде 26 поени, а Арон Вигинс 23 поени и девет скока. Кај Пејсерси, Матурин постигна 36 поени и 11 скока, додека Сиакам имаше 32 поени и 15 скока.



























