Машката сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија со пораз го почна новиот квалификациски циклус, овој за Светското првенство 2027-ма.

Во преполната кумановска сала, Македонија е совладана од Романија со 72-80 во првиот натпревар од „Е“ групата во која е и Унгарија.

Противникот со шест врзани поени го отвори натпреварот, а тешко и одеше на Македонија во воведните минути. Сепак како одминуваше времето така полека влегуваа во ритам жолто-црвените. Со врзаните поени на Мекиќ и Вајли, Македонија направи серија од 6-0 со која во седмата минута за прв пат поведе (13-12). Сепак првиот период му припадна на противникот минимално со 12-13.

Иста слика и во вториот квартал. Романија имаше седум поени предност 20-27. Сепак, следуваше серија на Македонија од 12-4 за водство од 32-31 на полувремето.

Во вториот дел. Нашата селекција иако играше борбено во одбраната, тешко и одеше во нападот. Да не беше Вајли и неговите 12 поени во третиот период, тешко дека во последниот ќе влезевме со позитива (57-55).

Малата предност и рамноправноста на Македонија траеше се додека Вајли имаше снага да се бори со Романците. Последното водство го имавме на три минути дои крајот 67-66. Тогаш на сцена кај гостите стапи Николески кој со десет врзани поени и донесе недостижна предност на Романија која на крајот славеше со осум разлика.

Убедливо најдобар поединец во нашата селекција беше Џејкоб Вајли кој оствари дабл-дабл ефект. Тој натпреварот го заврши со 28 поени (15 во прво полувреме), на кои додаде 12 скока и 4 асистенции.

До следниот натпревар нашата селекција има седум дена, кога на 9 август ќе гостува во Шолнок кај Унгарија.

Гостувањата ќе продолжат со дуелот во Ородеа против Романија на 13 август. Последниот меч Македонија ќе го игра повторно во Куманово на 20 август против Унгарија.

Следете нé на социјалните мрежи