Сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија, денеска против Швајцарија ќе го одигра вториот контролен натпревар.
Подмладениот тим предводен од новиот селектор Марјан Илиевски, во првата меѓусебна пресметка вчера славеше со 62:56.
Ако во првото полувреме подобри беа противниците, во второто, особено третиот квартал, македонските кошаркари покажаа карактер. Тие имаа и 20- поени предност, што му овозможи на селекторот Илиевски да ги проба сите репрезентативци.
„Резултатот е позитивен, но неблагодарно е сега да кажеме дека сме на одличен пат во однос на она кое следи. Но, затоа на одличен пат сме кон она што се бара од играчите, а тоа е да дадат максимум.
Сите кои влегоа во игра дадоа максимум, се гледа и неискуството на одредени играчи што се рефлектираше со голем број загубени топки.
Но како прв за меч и краток период заеднички подготовки, може да кажам дека сум задоволен од целиот период соработка со играчите.
Игравме против екипа која три години е заедно со истиот тренер. Имаме огромен простор за напредок, треба да нè красат енергијата и младоста“, беа зборовите на селекторот по успешната проверка во подготвителниот период.
Денешниот дуел повторо ќе се игра во салата „НБ Ноел“ во Негорски бањи со почеток од 19 часот.
Овие натпревари со Швајцарија се и единствените контроли за македонската пред репрезентација пред стартот на квалификациите за СП 2027.
Во нив Македонија за противници ќе ги има Романија и Унгарија, а натпреварите како домаќин ќе ги игра во Куманово. Првиот е закажан за 2 август против Романија.



































