Ракометарите на Алкалоид се пред пласман во осминафиналeто во ракометниот ЕХФ Европски Куп.
Тимот од Автокоманда забележа убедлива победа во дуелот со австрискиот Вест Виена во првиот меч од третата рунда. На натпреварот одигран во Скопје, Алкалоид славеше со 38-27.
Иако младиот австриски тим го отвори мечот со два врзани гола, сепак во продолжението Алкалоид беше оној што доминираше. Од минута во минута избраниците на Лазаров ја зголемуваа предноста која најмногу во првиот дел изнесуваше 7, а на полувреме заминаа со 6 голови разлика (20-14).
Уште тогаш беше јасно дека Алкалоид убедливо ќе го добие натпреварот и дека реваншот ќе го претвори во чиста формалност. Така популарните „фармацевти“ во возвратниот натпревар што исто така ќе се игра во Автокоманда (утре), ќе влезат со 11 голови разлика .
Александар Петковски во 9 голови беше прв стрелец во редовите на Алкалоид. Мартин Серавимов постигна еден помалку 8, Марко Митев заврши со 7, Арно Бинго додаде 6 голови.
Утрешниот, втор натпревар меѓу Алкалоид и Вест Виена ќе се игра од 19 часот.