Во фудбалската Лига на шампиони денеска ќе се одиграат нови девет натпревари со кои ќе биде комплетирано четвртото коло.
Два дуели привлекуваат поголемо внимание и со право го носат епитетот дерби.
На „Џузепе Меаца“ во Милано, италијанскиот првак Интер го пречекува лондонски Арсенал. Со по две победи едно реми, двата тима се на средината на табелата односно 8-то и 9-тото место. Интер е во одлична форма и на последните осум натпревари во сите конкуренции, забележа седум победи и едно реми. Арсенал од друга страна е во криза. Популарните „топчии“ на последните пет натпревари имаат по две победи и порази. Последниот од Њукасл во Премиер лигата пред четири дена.
На „Паркот на Принцовите“, екипата на ПСЖ ќе го угости мадридски Атлетико. За нијанса во подобра резултатска форма се „светците“ од Париз. Но Атлетико важи за „тврд орев“ па секој освоен бод ќе биде значаен за двете екипи. Тие повеќе му се потребни на шпанскиот тим кој веќе претрпе два порази.
Во слична ситуација како Атлетико е и минхенски Баерн. Германскиот гигант стартуваше сои убедливи 9-2 против Динамо, по што следуваа поразите од Астон Вила и Барселона. Противникот на баварците вечерва Бенфика веќе има две победи.
Во Белград, Црвена Звезда која е во групата на шест екипи без освоен бод, ќе има тешка задача да дојде до првиот. Имено, црвено-белите го пречекуваат шпанскиот гигант Барселона тим кој на последните шест натпревари славеше победи и тоа со импресивна гол разлика.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ – 4.КОЛО
КЛУБ БРИЖ – АСТОН ВИЛА од 18 часот
ШАХТЈОР – ЈАНГ БОЈС
ИНТЕР – АРСЕНАЛ
ПСЖ – АТЛЕТИКО МАДРИД од 21 часот
БАЕРН МИНХЕН – БЕНФИКА
ЦРВЕНА ЗВЕЗДА – БАРСЕЛОНА
ФЕЕНОРД – САЛЦБУРГ
СПАРТА ПРАГА – БРЕСТ
ШТУТГАРТ – АТАЛАНТА