Во репризата од финалето на Западната конференција минатата сезона, Далас повторно беше подобар од Минесота.
На дуелот одигран ноќеска во Минесота гостите предводени од Лука Дончиќ и Кајри Ирвинг славеа со 120-114.
До средината на третата четвртина водството наизменично се менуваше. Потоа Далас успеа да се поведе со двоцифрена предност, на која „Тимбервулфс“ не успеа да ја надополни. На две минути до крајот Џулиус Рендл намали на минус три (112:109). Тогаш на сцена стапи Лука Дончиќ. Словенецот со две тројки создаде недостижна предност и ги доведе „Мавс“ до третата победа сезонава.
Кајри Ирвинг беше најефикасен со 35 поени, а Дончиќ на 24 додаде осум скока и девет асистенции. Од друга страна, Ентони Едвардс постигна 37 поени, а Рендл натпреварот го заврши со 20 поени.
Сакраменто „Кинг“ лесно победи во дуелот против Јута „Џез“.
Веќе во првата четвртина “кралевите“ отидоа на плус 12 (34:22), а во средината на последниот и дури 27 поени. На крајот „Сакраменто славеше со 113:96.
Домантас Сабонис беше прво име на средбата со 28 поени, 11 скока и четири асистенции. Го следеше Демар Дерозан со 20 поени и осум асистенции. Џордан Кларксон со 21 поен беше најдобар за Џезерите, кои заедно со Детроит „Пистонс“ сеуште се без победа.
Голден Стејт „Вориорс“ со голем пресврт славеше против Њу Орлеанс.
Стивен Кари и Ендрју Вигинс не играа поради повреда, па тоа го прави овој пресврт на „Вориорс“ уште поимпресивен.
Првиот дел „Пеликанс“ го добија со 31:14, а на почетокот на вториот имаа и 20 поени предност (34:14). Со серија од 10:0 Голден Стејт се врати во игра. До полувремето „воините“ беа на минус четири (51:47), а на средината од третиот дел од натпреварот поведоа. Водството го задржаа и надградуваа па на крајот славеа со конечни 124:106.
Бади Хилд беше апсолутен херој со 25 поени во вториот дел иако во првиот уфрли само три. Во победата придонесе Линди Вотерс со 21 поен, осум скока и четири асистенции. Кај „Пеликанс“ Зион Вилијамсон и Брендон Инграм постигнаа по 31, но не доволно да се избегне пораз.