Освојувачот на ракометниот Куп на Македонија, тимот на Алкалоид ќе го продолжи својот настап сезонава на европската сцена. Тимот од Автокоманда го доби и реванш дуелот од второто квалификациско коло во Европскиот Куп против Драгунас.
Откако на првиот натпревар во Скопје славеа со 11 голови разлика, на гостувањето во Клаипеда, Литванија го совладаа Драгунас со 37-31 (полувреме 21-17).
Во него избраниците на Кирил Лазаров не препуштија ништо на случајноста, па одиграа максимално во текот на целиот натпревар. Алкалоид постојано беше во водство и во ниту еден момент не ја доведе победата во прашање. Имаше Алкалоид и најголеми 9 голови разлика во првото полувреме, а на крајот славеше со +6.
Најефикасен во тимот на Алкалоид беше Мартин Серафимов со 7 погодоци, додека по 6 постигна Марко Митев, Арно Бинго и Александар Петковски.
Кој ќе биде противник на Алкалоид во третото коло ќе дознаеме по ждрепката закажана за во вторник (29 октомври).
Покрај Алкалоид во ЕХФ Европскиот Куп, настапуваат и ракометарите на Охрид. Тие од 17 ќе го играат реванш мечот против романската екипа Потаиса Турда. Во него охриѓани ќе стартуваат со предност од четири гола ( 31-25).