По дводневната пауза на Европскиот фудбалски шампионат, денеска стартуваат вистинските возбудувања со двата воведни натпревари од осминафиналето.
Актуелниот европски првак Италија и селекцијата на Швајцарија ја отвораат „нокаут“ фазата, со дуелот што ќе се игра во Берлин.
„Азурите“ во свој стил. Тешко ја минаа групата „на смртта“. Се намачија во дуелот со Албанија, загубија од Шпанија, а во клучниот меч во судиското надополнување извлекоа „реми“ со Хрватска и избегнаа елиминација.
Во тимот со голман како капитен и најголема ѕвезда, Италијанците ќе мора да има и други мотивирани поединци кои со лична инспирација ќе го решаваат натпреварот. Традиционално Италија е сигурна во својата одбрана и игра со трпение, а редовно тоа Азурите го праеле најдобро кога било нај потребно.
Швајцарија пак покажа константност.
Искусниот состав лесно се справи со директниот конкурент за втората позиција Унгарија, по што со победата над Шкотска го осигура своето место во осминафиналето. И во дуелот против домаќинот Германија, Швајцарците демонстрираа одличен фудбал и карактер со кој можат да бидат конкурентни на најголемите фаворити.
Италија и Швајцарија имаат богата традиција на меѓусебни дуели и чести средби во претходните години. Вклучувајќи ги пријателските и официјалните натпревари, Италија забележа 29 победи, наспроти девет од Швајцарците со дури 24 нерешени. А, токму последните два и тоа во квалификациите за ова Европско првенство завршија без победник (0-0 и 1-1).
Затоа попладнево се очекува дуел на две многу цврсти и дисциплинирани екипи, без големо опуштање. Нема да биде чудно доколку дуелот оди во продолженија и пенали. Победник од овој дуел во четвртфиналето вкрстува со подобриот од дуелот Англија – Словачка.