Машката јуниорска кошаркарска селекција на Македонија десетина дена се подготвува за настап на Европското првенство за играчи до 18 години. Македонските јуниори ќе играат во „Б“ дивизијата на шампионатот во Скопје од 26 јули до 4 август
Селекторот Горан Андреевски, го скрати списокот на 16 кошаркари ќе го продолжат подготовките и ќе одиграат контролни натпревари со Црна Гора и Романија.
„Мои очекувања, како селектор, за овој шампионат кој следува, се влез во финалните четири, односно борба за првите три места кои водат во ‘А’ дивизијата наредната година“ – вели самоуверено предводникот на нашиот јуниорски тим кој деновиве вредно се подготвува во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.
За почетокот на наредниот месец, закажани се и првите контролни натпревари.
„Продолжуваме со тренажниот процес, но сега имаме на располагање 16 кошаркари. Она што е особено добро е што здравствениот биланс е како што посакуваме, на едно добро ниво. Првата контрола ни е на 5 и на 6 јули, имаме двомеч со јуниорската селекција на Црна гора во Скопје, два натпревари во кои треба да видиме во каква форма се играчите. Потоа имаме недела дена предвидена за корекции во играта, а на 12 и 13 јули ќе играме и со репрезентацијата на Романија, кога ќе можеме да зборуваме и за некои други детали поврзани со подготовките за настап на првенството на кое сме во улога на домаќини“, дополнува Андреевски.
Подготовките ги продолжуваат следите кошаркари:
Бојан Димитријев, Марко Лукановски, Андреј Стојановски, Атанасиј Трајанов, Стефан Стојковиќ, Јордан Кузманов, Давид Петрушевски, Даријан Димовски, Коста Ќириловски, Никола Јаничиќ, Андреј Чадамов, Сергеј Младеновски, Лука Маријановиќ, Сергеј Петровиќ, Матеј Митев и Ристе Букрлишев