Кадетската ракометна репрезентација на Македонија и во вториот контролен натпревар против Црна Гора постигна победа. Младите македонски ракометари се радуваа на триумф од 30:28 (16:13).
По 20-тина минути игра резултатот беше нерешн 12:12, но до крајот на првиот дел избраниците на селекторот Наум Танески стигнаа до водство од 16:13. Во второто полувреме македонските кадети имаа и водство од пет позитива – 25:20, но сепак домашната репрезентација ја врати неизвесноста 25:23. Но, на крајот се радуваа нашите ракометари.
Најефикасен во македонската репрезентација беше Дамјан Митев, кој постигна 9 голови, а Мартин Иванов постигна 8.
На првиот натпревар одигран во Подгорица Македонија победи со 28:20.
Натпреварите со Црна Гора беа подготовки за настапот на ЕП што ќе се игра во август во Црна Гора. Македонија е во исклучително силна група на Европското првенство заедно со репрезентациите: Германија, Франција и Полска.