ЖРК Ѓорче Петров, македонскиот првак утрово замина за Шпанија каде утре со почеток во 12:30 часот го игра првиот натпревар од Европскиот куп против лидерот на шпанската лига Елче.

Македонскиот тим за Шпанија отпатува откако во четвртокот во дуелот од 15.коло во домашното првенство го одигра првиот првиот нерешен резултат против Металург Автокоманда 25:25.

Екипата на Елче е квалитетен тим добро покриен на секоја позиција, воедно тие се први и во шпанската лига. Самото тоа значи дека секој натпревар го играат со висок интензитет што ќе биде предност за нив. Неколку години играат заедно што секако е позитивен факт, имаат добра транзиција, а во одбранат играат длабоко со чести фаули. Ги анализиравме и ако одиграме како што треба ќе биде позитивно за нас, изјави тренерот Симе Симовски.

Македонскиот состав за разлика од претходните дуели за овие натпревари има три засилувања од Бразил. Талита Виторија Кардосо Алмеида (24 години, десен бек); Милена Марија Де Соуза Менезес (23, пикер) и Луана Форте Родригеш Алвеш (20, десно крило).

Екипата на Елче е во серија од осум натпревари без пораз (седум победи и еден нерешен резултат во првенството со Бера Бера (27:27). Последниот пораз го претрпеа на 13 јануари од португалската екипа Мадеира во Европскиот куп.

ЖРК Ѓорче Петров вечерва околу 20 часот ќе пристигне во Елче и практично без тренинг ќе се појави во салата во недела во 12:30 часот. Натпреварот ќе го судат Дури Манеа и Раду Илеску од Романија.