Дури 18 мечеви носи вториот ден на фјучрс турнирот во Скопје што се игра за награден фонд од 40.000 долари.
Ќе биде комплетирано првото, ќе се одиграат два меча од 2.коло, како и шест во конкуренција на двојки од првата фаза.
Богатата програма значи и настап на македонските тенисерки кои ќе бидат дел од главниот турнир, како и во конкуренција на двојки.
По мечот меѓу Денислава Глушкова (Бугарија) и Мерел Хедт (Холандија) на централниот терен е мечот на Магдалена Стоилковска и Лекие Стивенс од Холандија.
Во сингл од македонските тенисерки ќе настапи и Ива Данева која ќе игра против Ксенија Ласкутова од Русија.
Лина Ѓорческа во првата рунда е слободна, а во второто коло ќе игра против Лука Удварди од Унгарија.
Но, Ѓорческа ќе има настап во конкуренција на двојки. Таа заедно со Деа Херџелас од БиХ како трети носителки ќе играат против Елени Кристофи и Димитра Павлу од Грција. Мечот е предвиден да се игра на Централниот терен, но не пред 14:30 часот.
Меч во двојки ќе игра и Магдалена Стоилковска. Таа заедно со Ања Станковиќ од Србија ќе играат против Ксенија Ласкутова и Ани Вангелова (Бугарија).
На турнирот во конкуренција на двојки ќе играат и Ана Митевска и Ива Данева. Нивниот меч против Никол Фоса Уерго и Диана Марцинкевича ќе се одигра во среда.