Македонската кошаркарска репрезентација ја заокружува првата седмица од подготовките за олимписките пред-квалификации. Тимот полека се комплетира.

Наскоро ги очекуваме Војдан Стојановски, Ненад Димитриевиќ и Ти Џеј Шорц да се приклучат на останатите.

Дамјан Робев е еден од оние кои од почетокот се јавија на прозивката на селекторот Јончевски. На искусниот бек-шутер му е јасно дека задачата нема да биде ни малку лесна, особено што периодот за подготовки е краток.

„Сите што сме тука сме дојдени да го дадеме својот максимум. Факт е дека имаме доста ослабен ростер, дека многу играчи се повредени. Но се надевам дека ќе се прикажеме во едно добро издание и дека ќе дадеме се од себе. Заедно сме подолго време. Добро се познаваме, доволно за да се воиграме, но сепак периодот за тоа е доста краток. Особено по еден двомесечен период на пауза од крајот на ланската сезона, малку е потешко да влезеш во ритам. Но, мислам дека ќе бидеме добри. Дека ќе прикажеме добри игри“.“, вели Робев.

Нашиот репрезентативен бек вели дека не постојат фаворити во нашата натпреварувачка група на турнирот во Талин.

„Нема фаворити помеѓу овие репрезентации, пред се затоа што сите доаѓаат со ослабен ростер. Не можат сите да дојдат во ‘фул’ состав. Оттука мислам дека ќе имаме шанси да се натпреваруваме, да бидеме ‘пата-пата’ со сите. И дека на крајот ќе поминеме добро“, смета Робев.

Пред турнирот во Талин закажан за 12 август, македонските кошаркари во Белград ќе одиграат и два контролни натпревари со Полска.