Карлос Алкараз и Новак Ѓоковиќ на Вимблдон може да се сретнат само во финалето.

Ова откако денеска и официјално организаторите на неофицијалното Светско тениско првенство, како го нарекуваат Гренд-слемот на Вимблдон, ги објави рангирањата на тенисерите.

Младиот Алкараз, кој се врати на првата позиција на АТП листата во понеделникот, откако ја освои својата прва титула на трева на турнирот во Квинс клубот, ќе има има улогата на прв носител. Втор носител ќе биде седумкратниот шампион во Лондон, Новак Ѓоковиќ, Тоа практично значи дека двајцата најголеми фаворити за трофејот, меѓусебно може да се сретнат само во финалето, објави организаторот.

Истото важи и за дамите. Прворангираната светска тенисерка Ига Швјонтек која неодамна го освои третиот трофеј на Ролан Гарос (четврти во кариерата), е на спротивниот крај од ждрепката со полуфиналистката на Вимблдон од 2021 година и носителка број 2, Белорусинката, Арина Сабаленка .

Ако се тече според планот и ако некој не изненади, на 15-ти и 16-ти јули, оваа четворка на тенисери би можеле да ја гледаме во финалните мечеви.

Во тек се квалификациите, а официјалниот дел од турнирот на Вимблдон започнува на 3 јули (понеделник).