На годинешниот драфт во НБА немаше изненадувања, а сосема очекувано, првиот пик Виктор Вембањама заврши во Сан Антонио, исто како што беше планирано.

Спарс така добија играч кого водечките светски стручњаци го споредуваат со Леброн Џејмс и му предвидуваат блескава кариера, додека навивачите сакаат тој да биде лидер на тимот, исто како што некогаш беа Дејвид Робинсон и Тим Данкан.

Двајцата беа избрани и како први пикови на драфтот, а подоцна го одведоа клубот до шампионски прстен, а потоа влегоа во Куќата на славните на НБА.

Од втората позиција беше избран Брендон Милер, кој заврши во Шарлот, Скот Хендерсон беше избран од Портланд, а браќата Амен и Усар Томпсон од четвртата, односно петтата позиција. Првиот се потпиша на дресот на Хјустон, а вториот на Детроит и станаа првите близнаци кои се најдоа меѓу првите пет пикови на драфтот.

Орландо го избра Ентони Блек од шестата позиција, Индијана потоа го избра Билал Кулибали, Џарас Вокер заврши во Вашингтон, Тејлор Хендрикс е нов член на Јута, а Касон Валас кој стана нов првотимец на Далас е десетти.