Новиот македонски ракометен шампион Еурофарм Пелистер се пофали со новото засилување.
Станува збор за словенечкиот репрезентативец Нејц Цехте. 30-годишниот десен бек доаѓа во редовите на пелистерци од четвртфиналистот на Лигата на шампионите на ЕХФ и актуелен првак на Данска, ГОГ Гудме.
Цехте е стандарден словенечки репрезентативец, има 52 настапи за својата селекција, вклучувајќи и Европско и Светско првенство. 195-сантиметри високиот Нејц Цехте потекнува од ракометно семејство, бидејќи и неговиот брат Клемен Цехте беше професионален ракометар и словенечки репрезентативец.
Словенецот се афирмира во дресот на Горење Велење, клуб со кој стана национален шампион на Словенија и играше во Лигата на шампионите. Во 2018 година следеше трансфер во Хановер, каде Нејц играше четири години и ја делеше соблекувалната со Урбан Лесјак, со кого пак ќе играат во ист клуб. Во сезоната 2022/23 со ГОГ Гудме дојде до историски успех во Лигата на шампионите, каде се најде меѓу осумте најдобри екипи, а се бори и за одбрана на титулата шампион на Данска.
Инаку Цехте пред заминувањето во Данска имаше договор со Вардар, но откако ЕХФ реши да не им дозволи на црвено-црните да играат во Лигата на шампионите, тој се реши да потпише за ГОГ Гудме.
Цехте сега со Пелистер се обрвза на едногодишен договор, со опција за уште една сезона. Неговото претставување клубот го предвидува кон средината на јули, на почетокот на подготовките на екипата за сезоната 2023/24.