Примамливо полуфинале во Лигата на шампионите меѓу гигантот на шпанската Ла Лига, Реал Мадрид и владетелот на англиската Премиер лига, Манчестер Сити, кои вечерва, во „реванш“ натпревар од ланското полуфинале, ќе ги одмерат силите на „Сантијаго Бернабеу“.
„Кралскиот клуб“ постигна четири погодоци во двата натпревари од четвртфиналето против екипата на Челзи и со вкупен резултат од 4:0 се пласираше во ново полуфинале, додека избраниците на Пеп Гвардиола со вкупни 4:1 го совладаа Баерн Минхен.
Машинеријата за голови во редовите на Сити, Ерлинг Халанд, со своите 12 постигнати погодоци оваа сезона во Лигата на шампионите, има шанса да го собори рекордот на Кристијано Роналдо од 2014-та година за најмногу постигнати голови во една сезона (седумнаесет).
Кога станува збор за Реал Мадрид во Лигата на шампионите, статистиката зборува сама по себе. Ова е десетти полуфинален настап за „лос-бланкосите“ во последните 12 сезони, тие ја очекуваат 6-тата титула од 2014 година, а заедно со трофеите од Европскиот куп, вкупно 15-тата. За да се даде одреден контекст, ниту еден друг клуб не освоил повеќе од седумте на Милан.
„Граѓаните“ од Манчестер имаат „заостанат долг“ од минатогодишната сезона, па почнувајќи го првиот натпревар на гостински терен како фаворит, вечерва со почеток од 21:00 часот, ќе се обидат да извојуваат победа над „семоќниот“ Реал.