Најдобриот фински кошаркар, Лаури Марканен ја игра својата најдобра сезона во НБА лигата.
Тој пристигна во тимот на „Џезерите“ минатото лето од Кливленд во „трампата“ за Донаван Мичел. Со просек од 25,6 поени и 8,6 скока, Финецот заслужено годинава беше избран како дел од играчите кои настапија на „Олл Стар викендот“.
По синоќешниот пораз од Оклахома, тимот на Јута ги загуби шансите за пласман во разигрувањето, па до крајот на сезоната им останува да одиграат само уште два натпревари.
Тоа како да го разочара Марканен, па најави дека по завршувањето на сезоната има намера да го отслужи воениот рок во Финска, пренесува „ЕСПН“.
„ Тоа е задолжително, морам да го правам тоа, но во исто време сум и горд на тоа. Мислам дека давам пример за другите да служат воен рок. И убеден сум дека можам да го сторам тоа на начин што нема да влијае на моите подготовки за следната сезона“,
изјави Марканен.
За импресивната сезона на Марканен најдобро говори и неодамна поставениот рекорд во НБА лигата, со кој Финецот стана првиот играч кој во една сезона постигнал над 200 „тројки“ и имал над 100 забивања.
„Долгот кон државата“ е задолжителен во оваа скандинавска земја за секој маж и мора да биде завршен до 30-тата година од животот.