Женската сениорска репрезентација на Македонија вечерва го игра петтиот натпревар од квалификациите за Евробаскетот 2023 година во Израел и во Словенија.
Од (20.часот), во салата „Сабит Хаџиќ“ во Сараево, за противник ја имаат селекцијата на БиХ
По четири одиграни натпревари селекцијата која ја предводи селекторот Александар Ашаданов е без победа. Босанките беа подобри од нас и на ланскиот дуел одигран во СРЦ „Кале“ (64:80), во кој доминираше една од најдобрите кошаркарки во светот, Џенкиел Џонс.
Но вечерва во Сараево ќе биде сосема поинаку, Џонс нема да биде во тимот на БиХ, но и во нашите редови нема да биде ниту Девана Бонер, ниту пак нејзината „наследничка“ Мерит Хемпе.
И покрај фактот дека уште еднаш Македонија нема да игра во комплетен состав, селекторот Ашаданов и неговите избранички ќе се обидат да одиграат најдобро што можат, и евентуално да го изненадат фаворитот, кој пред својата публика на Илиџа ќе игра во видно изменет состав
„Нè очекуваат два меча против БиХ во Сараево и дома со една од најсилните репрезентации Белгија. Исто како и на претходните два прозорци, немавме среќа со здравствениот билтен, неколку играчи ни се повредија и нема да може да сметаме на нив. Имаме недостатоци со Мерит Хемпе, Матеја Николиќ и Илина Селцова кои имаат повреди на колената, односно лигаменти и менискус, така што ќе се соочиме со голем проблем. Овие мечеви ќе бидат доста тешки, знаеме со каков квалитет располагаат и Белгијките и Босанките, но што е, тука е, ние ќе се подготвиме добро со желба да се покажеме подобро од претходниот ‘прозорец’. Наша цел е да имаме една победа во овие три ‘прозорци,’ нормално, сите повреди кои ги имаме нè оддалечија од тоа. Шансата ја гледаме со БиХ таму која е без натурализираната кошаркарка, а неколку имиња, две три репрезентативки се пензионираа“, изјави селекторот Ашаданов пред вечерашниот дуел во главниот град на БиХ.
Еден час порано, во дербито на групата „А“, Германија е домаќин на Белгија. Двете екипи се со скор од три победи и еден пораз, па победникот ќе биде многу блиску до пласман на ЕП кое следната година се игра во Израел и во Словенија.