Аргентинскиот виртуоз Лионел Меси постигна два гола во триумфот на Интер Мајами од 3:1 на гостувањето кај Атланта Јунајтед. Екипата од Флорида продолжи со одличните настапи во американската МЛС лига.

Гостите поведоа пред самиот крај на првото полувреме преку погодокот на Герман Бертераме. Асистенцијата за водечкиот гол во 45. минута ја забележа уругвајскиот напаѓач Луис Суарез.

Во второто полувреме на сцена стапи неповторливиот Меси кој брзо го реши прашањето околу победникот. Прво зголеми на 2:0 во 56.минута, по одличното додавање од стрелецот на првиот гол Бертераме. Само четири минути подоцна Меси повторно ја затресе домашната мрежа за убедливо водство од 3:0. Овој пат во улога на асистент се најде неговиот долгогодишен соиграч и пријател Луис Суарез.

Домашниот тим успеа само да го ублажи поразот во финишот од натпреварот. Фафа Пико беше прецизен од белата точка во 89. минута за конечни 3:1.

Меси сега има 25 голови на 27 одиграни натпревари сезонава во МЛС лигата. Во дресот на Интер Мајами аргентинскиот капитен досега има вкупно 82 погодоци на 89 одиграни средби.

Со овој важен триумф, тимот се зацврсти на второто место во Источната конференција со 55 освоени бода.